Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен скопјанец за сторено кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Пронаоѓањето на оружјето следело откако осомниченот бил лишен од слобода од полициски службеници поради нарушување на јавниот ред и мир. Притоа, тој започнал вербално да се заканува дека ќе употреби огнено оружје. Оружјето, пиштол марка ZORAKI M 906-B и 30 куршуми, кои осомниченото лице ги поседувало без дозвола, при извршен претрес биле пронајдени во помошни простории во домот каде тој живеел со своите родители.
Заради обезбедување на непречено водење на кривичната постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Судот со решение на осомничениот му определи мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, задолжително јавување пред надлежен орган и привремено одземање на патна исправа.