Соопштенија

Обвинение за разбојничка кражба во угостителски објект

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против лице на возраст од 35 години, жител на Скопје, коe го товари за сторено кривично дело – Разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот кривичното дело го извршил на 29 јули,  во угостителски објект на улица „С. Георг – Шнајдерот“, кога затечен во кражба употребил сила и нападнал врз телото на двајца оштетени – татко и ќерка.

Тој преку прозорецот влегол во угостителскиот објект  и одзел три телевизори во вкупна вредност од 105.000 денари. Но, притоа бил затекнат од оштетениот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција. Во тој момент, обвинетиот ја удрил оштетената со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри нејзиниот татко, кој го одбил ударот со рака. Обвинетиот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но оштетениот и  случаен минувач успеале да го задржат. За тоа време, оштетената настанот го пријавила во блиската полициска станица.

Заедно со поднесеното обвинение, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице , со оглед на тоа што постои опасност од бегство на обвинетиот, како и  опасност да го повтори делото.