Соопштенија

Обвинение за татко и син – дилери на кокаин

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против двајца жители на населба Ченто. Обвинетите, татко (49) и син (22), се товарат дека сториле кривично дело – „ Неовластено производство и пуштање во промет на наркотична  дрога, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите,  во првата половина на 2020 година, неовластено заради продажба купиле наркотична дрога – кокаин по потекло од Јужна Америка, од непознато лице, припадник на меѓународна организирана група. Купената дрога сите заедно ја пренеле преку државната граница во земјава и неовластено ја држеле во заедничката семејна куќа во населбата Ченто. Таткото имал задача, во зависност од нарачките на заинтересираните купувачи, дрогата да ја дели и препакува во пакувања од 0.5 до 5 грама, додека синот бил задолжен за продажбата. Од почетокот на јули 2020 година до 03.09.2020 година обвинетите по претходни телефонски договори, наркотичната дрога – кокаин неовластено ја продавале на купувачи – корисници од с.Кондово, Скопје, Тетово и Неготино.

Во прилог на Обвинителениот акт, надлежниот обвинител достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети. Притоа беше земено предвид дека се работи за недозволена трговија со кокаин што е поскап вид на дрога,  дека за сторителите материјалната страна на обезбедување услови за бегство и за различни начини на попречување на истрагата не претставува проблем, како и евентуалната нивна поврзаност со сторители во меѓународна група специјализирана за недозволена трговија со дрога кои би овозможиле нивна понатамошна ангажираност за повторно вршење на ваков вид на кривични дела.