Соопштенија

Поведена истрага против двајца за пронајдено оружје и муниција во Чифлик

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став1 од Кривичниот законик.

На 5 декември бил извршен претрес во домовите на двајцата осомничени во селото Чифлик, при што кај првиот осомничен било пронајдено огнено оружје – пушка Mannlicher STEYR M-95 со калибар 7,9 мм како и 75 куршуми од тој калибар. Кај вториот осомничен, пак, била пронајдена рамка за автоматска пушка со калибар 7,62Х39 мм.

За двајцата осомничени на возраст од 57 и 67 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерка притвор. Ваквиот предлог беше поднесен бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност осомничените да се дадат во бегство или да го повторат делото.