Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески денеска одржа дигитална предновогодишна средба шефовите на обвинителствата.
Од самиот почеток на пандемијата, сменет е начинот на работа, со минимално присуство и со друг приод на движење на странките во обвинителските простории.
„Содржина на јавнообвинителската работа се предизвиците и поради тоа уверен сум дека и со овој предизвик ќе успееме да се справиме успешно. Бидете горди на професијата која сте ја одбрале и во ова време кога од нас се бара неселективен и професионален пристап ние се покажуваме на висина на задачата. Нападите на нашата работа не ги отфрлајте, туку земете ги како поттик за уште поголемо и професионално ангажирање“, рече Јовески.
Владеењето на правото не е цел што се постигнува за неколку години, а особено не во околности на нецелосно обезбедени материјални средства за работа, непополнетост на стручно-административниот кадар и на јавни обвинители. Но, рече Јовески, ние сите заедно мора да работиме овие состојби да се сменат а дека работите се движат во посакувана насока се гаранциите во Законот за јавно обвинителство за финансирање на работата на Јавното обвинителство, обезбедувањето на средства за нови вработувања и извршената реконструкција на просторните услови во 11-те обвинителства.
„Ве охрабрувам да постапувате согласно законот, да водите сметка за одговорноста, професионалноста и особено за транспарентноста на обвинителството. Еден дел од незадоволството на јавноста за нашата работа се должи и на тоа што работењето не сме успеале да им го доближиме на граѓаните. Сакам да ве известам дека во следната година, досегашните надзори во обвинителствата ќе се вршат на поинаков начин, со оглед на тоа што започнува постапка на индивидуално согледување и оценка на работењето на секој обвинител поединечно“, рече јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески и им порача на шефовите на обвинителствата желбите за успешна и среќна Нова година да ги пренесат на другите обвинители и вработени во обвинителствата.