Соопштенија

Поднесено обвинение за недозволено поседување дрога и муниција

По  спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се гони за кривичните дела – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори  од член 215 став 1 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Во семејната викенд куќа, во атарот на селото Арачиново, на 9 февруари, обвинетиот 21-годишник неовластено за продажба држел наркотична дрога – марихуана спакувана во четири полиетиленски пакувања со вкупна нето маса од 281,12 грама и хашиш во вкупна нето маса од 80,75 грама. Полициските службеници кај осомничениот пронашле и муниција – 8 куршуми со калибар 8Х57мм наменети за огнено оружје – репетирачки и полуавтоматски пушки.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи да ја продолжи претходно определената мерка куќен притвор за обвинетиот со цел негово обезбедување во текот на кривичната постапка и спречување тој да го повтори делото кое му се става на товар.