Соопштенија

Жител на Долнени осомничен за полов напад врз дете

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишен жител на село Дебреште, општина Долнени, за кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител одлучи да поведе истрага, бидејќи постои основано сомнение дека на 7 март, во атарот на селото Дебреште, осомничениот извршил полови дејствија врз 12-годишно девојче. Со оштетената комуницирале преку социјална мрежа и се договориле да се сретнат. Девојчето отишло на местото каде ја чекал осомничениот и влегла во неговото патничко моторно возило. Кога стигнале кај местото викано „Под брана“, осомничениот го паркирал возилото и ги извршил половите дејствија врз девојчето.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведокот/оштетената. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.