Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Царинската управа, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, поведе постапка за едно лице, жител на Рашка, Краљево, Р.Србија за кривично дело Криумчарење од член 278 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 30.3.2021 година околу 22.30 часот избегнувајќи ја царинската контрола преку царинската линија на ГП Богородица на влез во Република Северна Македонија во товарно моторно возило влекач марка „Mercedes Benz“ со косовски регистарски ознаки и полуприколка марка „Schmitz“ со косовски регистарски ознаки, сопственост на правното лице „N.SH Ari Transs“ од Приштина, пренел непријавена стока од поголема вредност во износ од 572.134 денари. Во возилото биле пренесувани 5 палети со 2760 килограми семе од пченка кои осомничениот не ги пријавил на царинските работници. Тој одгoварајќи на поставено прашање од царинските службеници, пријавил само дел од стоката за која имал документација, но поради сомневање во пријавената тежина на возилото при детален преглед на пријавената стока биле пронајдени уште 5 палети со семе од пченка.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство од причини што осомничениот е странски државјанин на наша соседна држава, потоа имајќи ја предвид тежината на стореното кривичнoто дело кое му се става на товар, обвинителството до Судијата на претходна постапка на Основен суд Гевгелија поднесе Предлог за определување притвор. Судот со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.