Соопштенија

Единаесетмина обвинети за непочитување на полицискиот час во Скопје

Против 11 лица кои не го почитувале полицискиот час во Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози. Лицата се товарат дека сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од кривичниот законик.

Имено, во одвоени кривично-правни настани, тие биле затекнати како се движат на различни локации во градот, без да поседуваат дозвола и тоа во временскиот период во кој движењето на населението е забрането како мерка за спречување на ширењето на заразна болест.

Јавните обвинители му предложија на Основниот кривичен суд Скопје да определи парични казни од по 100 дневни глоби за сите обвинети, при што поединечната висина на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.