Соопштенија

Обвинение за струмичанец фатен со дрога на патарината Миладиновци

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 43-годишен струмичанец, кој се товари за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 2 април, на наплатната рампа Миладиновци кај Скопје, обвинетиот се возел како сопатник во автомобил Мерцедес, а кај себе неовластено за продажба држел 10,27 грама хероин. Дрогата, спакувана во две полиетиленски пакувања, ја пронашле овластени службени лица, кои веднаш ја одзеле.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, ценејќи дека постои опасност од бегство и можност да го повтори делото.​