Припадници на така наречената група Проспера се гонат од страна на Основното јавно обвинителство за две кривични дела – Тешка кражба и Тешка кражба во обид. Кривичната пријава беше поднесена од Министерството за внатрешни работи НК-КР Гевгелија.
Осомничените на ден 17.03.2015 година по претходен договор, со намера противправно присвојување на туѓи подвижни предмети од поголема вредност – пари и злато, извршиле кривично дело – Тешка кражба. Имено, употребувајќи подесен обработен клуч за сигурносни врати од марката „Проспера“ од кинеско производство, во временскиот период од 07,30 до 11,15 влегле во стан во самиот центар на Гевгелија. Откако не пронашле вредни предмети, заминале на друга адреса во стан во кој, пред две седмици, на ист начин била извршена кражба. Осомничените биле забележани од страна на сведок и се дале во бегство со автомобил, сопственост на еден од осомничените. На излезот од Гевгелија биле запрени од полициска контрола. При тоа, осомничените со намера да се ослободат од доказите, го фрлиле клучот, кој е пронајден и испратен на вештачење.
Осомничените лица се специјални повратници на ист вид кривични дела, осудувани и за истите веќе се водат постапки за ист вид кривични дела сторени на ист начин.
Оваа група подолго време врши организирани кражби во повеќе градови на територијата на Република Македонија. Во тек се постапки за утврдување на идентитетот на сторителите на кривичните дела извршени на ист начин, односно дали се работи за истите сторители или за поголема група на извршители на овој вид на кривични дела.
Постапувајќи во предметот, надлежниот јавен обвинител утврди дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничените доколку бидат пуштени да се бранат од слобода, па до Судијата на претходна постапка при Основниот суд – Гевгелија поднесе Предлог за определување мерка Притвор во траење од 8 дена.