Соопштенија

Поведена истрага за недозволено поседување дрога и психотропни супстанции во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Кратово, со престојувалиште во Скопје, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 26-годишник, во станот во кој престојувала неговата девојка на улицата „Миле Поп Јорданов“ во Скопје, неовластено заради продажба држел вкупно 115 таблети 3,4 – метилен-диоксиметамфетамин (MDMA), како и 10 полиетиленски пакувања наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 6,21 грама. Дрогата и психотропната супстанција биле пронајдени при претрес на домот, а притоа била одземена и една дигитална вага и еден нож со остатоци од кокаин.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои што укажуваат на опасност од бегство и можност да го повтори делото.​