Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Тетово гони две лица за убиството во угостителски објект во Тетово

По доставената кривична пријава од страна на СВР -Тетово, вчера Основното јавно обвинителство – Тетово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца осомничени  за кривично дело – Убиство.

 На 10 овој месец околу 22:00 часот во угостителскиот објект „Баркод“ кој се наоѓа на улицата  ЈНА во Тетово, како резултат на претходна расправија дошло до вооружен инцидент во кој едно лице го загубило животот. Жртвата 22 годишен жител на с. Порој, седел со пријателите во објектот кога влегле осомничените и го повикале надвор физички да се пресметаат.  Со оглед на тоа што сега починатото лице  не одговорило на повикот, осомничените се вратиле до масата на која седела жртвата и почнале да пукаат. Момчето возвратило на нападот испукувајќи неколку куршуми кон осомничените.  Како резултат на повредите во градниот кош, стомакот и надлактицата, момчето починало на пат кон Клиничка болница – Скопје.  Воедно,  шест лица се здобиле со телесни повреди од огнено оружје меѓу кои и еден од осомничените и  три лица со телесни повреди од скршените стакла на објектот.

 Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Тетово, поднесе Предлог за определување на мерка – Притвор против осомничените. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот од надлежниот обвинител и на двајцата осомничени им определи со Решение  Притвор во траење од 30 дена. Еден од осомничените  во моментов  е недостапен на органите на прогонот и мерката притвор ќе започне по неговото лишување од слобода.