Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице на возраст од 33 години осомничено дека сторило продолжено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 26 и 27 јуни, два пати влегувал во книжарница на улицата „Ѓуро Стругар“ во Скопје, од каде противправно одзел 16 уметнички слики со вкупна вредност од 984.000 денари.
На 26 јуни, во раните утрински часови, со употреба на погоден алат и физичка сила, тој го скршил катанецот на задната влезна врата на книжарницата и од ѕидовите откачил и зел 6 уметнички слики од уметникот Павле Кузмановски. Настанот бил пријавен и биле преземени полициски дејства на лице место за откривање на сторител. Меѓутоа, осомничениот следниот ден, на сличен начин го скршил катанецот на предната врата и од книжарницата одзел уште 10 уметнички слики од истиот автор.
Oценувајќи дека постои опасност од бегство на лицето како и веројатност тој да го повтори делото, особено затоа што се работи за лице кое и претходно е осудувано за ист тип кривични дела во земјава, но и во Германија, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.