Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик.
На 5 декември, во вечерните часови, тројцата осомничени заедно влегле во обложувалница на ул. “Индира Ганди” во Шуто Оризари и со употреба на сила и закана со пиштол кон вработената ги одзеле парите од дневниот промет – околу 82.000 денари и побегнале.
Осомничените, на возраст од 35, 36 и 33 години, се повеќекратни сторители на кривични дела, а едниот од нив во моментот на сторување на последното разбојништво бил во бегство, односно оддалечен од КПУ Идризово – Скопје каде издржувал затворска казна и не се вратил од користење погодност – домашно отсуство.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.