ИНТЕРВЈУ – ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ ПРОВЕРУВА СИТЕ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКА БАНКА
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски одговара за последните афери отворени пред изборите, за партиското финансирање на изборните кампањи, за ревизијата на проектот „Скопје 2014“
Обвинителе Зврлевски, неодамна завршија изборите, а оваа изборна кампања како ниедна досега беше одбележана со жестоки обвинувања за криминал и корупција. Дали дефанзивната стратегија на Обвинителството беше смислена одлука да не навлегува во средиштето на меѓупартиската битка?
Јавното обвинителство не беше во дефанзива и постапувааше во согласност со правилата и законите. Со внимание постапувавме и не истрчувавме. Јавното обвинителство не може да биде алатка на која било политичка партија и да се навлекува на секое партиско навестување. Постапувавме по конкретни пријави и настани.
Дали не мислите дека граѓаните имаат право да знаат пред да одлучат за кого да го дадат својот глас дали некој носител на висока државна функција е корумпиран или не?
Како и да се произнесе Обвинителството за време на избори, ќе биде погрешно разбрано и ќе се верува дека „зазема страна“, а ние такво нешто не сакавме да си дозволиме.
Неколку дена по изборите најавивте дека брзо ќе се произнесете околу случајот „Македонска банка“ што го отвори опозицијата. До каде е постапката?
Навестувањето дека станува збор за сериозен криминал бара и сериозен пристап на Обвинителството. Не треба да се заборави дека од поднесувањето на кривичната пријава поминаа едвај шест или седум работни дела. Обврска е на Обвинителството да постапи стручно, професионално, совесно, непристрасно и да ги разгледа сите аспекти на пријавениот наводен кривичен настан. Доставена е снимка на це-де на наводни разговори кои се помеѓу одредени личности спомнати во пријавата.
Ја проверивте ли веродостојноста на снимката?
Јавното обвинителство сега има две задачи. Прво, да се провери дали снимката е прибавена на законит начин и како е дојдено до неа и дали може да добие третман на законски прибавени докази. Пред да преминеме да ја провериме веродостојноста треба да утврдиме дали тој доказ можеме да го користиме во судска постапка. И второ, да видиме дали има околности кои го исклучуваат кривичното гонење.
Но, тоа не ве спречува да ја утврдите веродостојноста на содржината. Дури и да не е прибавена на законит начин, што ве спречува да ја користите како извор на сознанија, без да ја употребувате во судска постапка?
Апсолутно дека може да се користи како сознание за натамошна истрага. Снимката ќе биде анализирана за да се види дали може да укаже на некакви други докази. Процесното правило е врзано со рокови, па затоа е поважно Обвинителството да испита дали постои околност која го исклучува кривичното гонење. А, тоа може да биде изминување на одреден рок во кој не може да се преземе гонење.
Дали тоа значи дека веќе сте ја разгледале кривичната пријава и работите одат во тој правец?
Имајте во вид дека разговарате со државен јавен обвинител кој не постапува по конкретни предмети. Поради кусото време од доделувањето на предметот на работа на јавен обвинител досега не сум известен дека е донесена одлука како да се продолжи натаму. Се проверува и колкава е казната за наведените кривични дела. Ако е казната од една до 10 години, согласност Кривичниот законик, не може да се преземе гонење ако поминале 10 години, бидејќи настапува застареност.
Но, Обвинителството не го обврзуваат правните квалификации посочени од подносителот на кривичната пријава, туку самата содржина.
Точно е дека не не’ обврзува. Затоа е потребно да се провери дали покрај овие наводи во кривичната пријава некои дејствија можат да се подведат под друго дело за кое можеби е предвидена повисока казна.
Дали тоа значи дека ако од формален аспект е настапена застареност нема да одите натаму во проверка на веродостојноста на снимката за Македонска банка?
Доколку Јавното обвинителство за организиран криминал по сите проверки и анализа за кои кривични дела станува збор оцени дека навлегува во дела за кои е запретена казна од најмногу до 10 години, согласно законските обврски, Јавното обвинителство не може да преземе гонење. Не може да истражува, бидејќи би влегло во лична злоупотреба. Не можеме да истражуваме ако настапила застареност. Ние тоа го велиме околност која што го исклучува кривичното гонење.
Не е ли преголем ризик за Обвнителството, доколку се затвори овој случај од формален аспект, а не заради немање дело?
Не реков дека ќе биде затворено од застареност. Нас како обвинителство не’ интересираат формалните аспекти, бидејќи постапуваме во согласност со Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Другите типови одговорност, нас како институција не не’ интересираат. Но, повторувам, прво ќе се провери дали има основа за сомневање за сторено кривично дело, за кои кривични дела станува збор и на крај дали има елементи кои го исклучуваат кривичното дело. Ќе одиме по редослед и нема да се скриеме зад застареност, туку ќе преземеме се’ што споменав претходно, за да нема отворени дилеми.
За случајот со Загорец Тумбовски и исплаќањето кеш пари на сметко-потврда за партиски цели, рековте дека има „низок степен на сомневање“. На кој начин го утврдивте тоа?
Во моментот кога го изјавив тоа постоеше само една изјава од споменатото лице во медиумите. Но, и покрај тоа формиравме предмет за да видиме дали навистина постојат такви потврди и од каков карактер се. Ќе се анализира дали има кривично дело и какво.
Тумбовски тврди дека во 2006 година од неговиот дом, додека тој бил во притвор, со судски налог биле одземени оригиналните сметко-потврди, дека е тоа внесено во записник и го има во неговиот предмет. Дали го проверивте ова тврдење?
Проверуваме. Од Основното обвинителство во Скопје е побаран увид за да се провери дали постои таков записник. Значи, преземени се конкретни дејствија за да се пронајде тој фамозен записник и сметко-потврди. Ќе се обратиме до Судот и ќе побараме да ни ги обезбеди, ако се таму. Прерано се очекуваат некои работи од Обвинителството, сепак, поминаа само неколку дена.
Во неговата телефонска изјава, Загорец навестува дека поседува и аудио-снимка и вели дека е подготвен и неа да ја достави. Дали ќе ја побарате?
Ќе го повикаме секако. Немаме информација каде се наоѓа, но за него има потерница, бидејќи е осуден со правосилна пресуда.
Побаравте ли да го лоцираат од МВР?
Не, бидејки тие си постапуват по правилата на службата. Кога ќе се постапи по потерницата тој ќе биде лишен од слобода и донесен во Македонија. Ние не можеме да бараме да го лоцираат за да го сослушаме, кога тоа лице веќе се бара за издржување на казната. Тие две работи ќе одат заедно.
Јавно го повикувам тоа лице да ни ги достави снимките. Тој сигурно има начин како да го направи тоа, со оглед на тоа што успева да им се јавува телефонски на одредени медиуми.
До каде е предметот „Актор“? Зошто одлучивте да ги одмрзнете блокираните сметки?
Тоа го направивме бидејки преминавме во фаза кога беа преземени некои истражни дејствија. Сослушани се лица, прибавени се инфомации за регистрација на фирмата, за начинот на работењето. Вклучена е финансиската полиција, дадени се упатства како да се постапува. Самото одблокирање на сметките е вообичаена процедура, бидејки проценивме дека заради тоа што станува збор за меѓународен тендер само би се нанела штета на работењето на фирмата. Движењето на средствата е ставен под посебен мониторинг на финасиско разузнавање. Доколку се појави повторно сомнеж за сомнителни трансакации ќе се реагира. Во овој момент нема такво нешто.
Дали ги сослушавте грчките државјани за кои што се тврди дека преку нив, со подигнување на банкарски износи се „испумпани“ близу 3,5 милиони евра?
Имаме сознанија дека грчки државјани подигале пари. Точно по списокот ќе ги лоцираме кои се тие и во разумен рок ќе ги повикуваме на разговор. Што значи „испумпување“? Ние засега имаме податок само дека подигале пари, но не и со каква намена. Се’ уште се води истрага за да се утврди дали се изнесувани од државата.
До каде е истрагата околу ревизорскиот извештај за проектот „Скопје 2014“? Се гледа ли крајот?
Колку што бев информиран (датирано пред еден месец), најпрво добивме поднесок од работна група од Општина Центар, по кој инициравме предмет и испративме барања до одредени институции да ни проверат некои сознанија. Потоа добивме празен ревизорски извештај, во кој беа наведени пропусти, но без документација, по што повторно побаравме и од подносителот и од институциите дополнителни информации. На предметот се работи и штом не сум известен повратно, значи се’ уште се прават проверки.
Пратениците од СДСМ од претходниот собраниски состав ве обвинија за „инертност, незаинтересираност и носење политички одлуки“. Дали Обвинителството е инструмент во служба на владејачката партија?
Секој може да го обвини Јавниот обвинител за се’, но претходно треба да ги прочита Законот за јавно обвинителство и Уставот, каде ќе види дека јавните обвинители се независни во работата и оти државниот јавен обвинител не може со ниту еден акт да им даде конкретно упатство како да постапуваат. Може да даде само генерални упатста, но обвинителот Марко Зврлевски не постапува конкретно во предметите. Тој ја води оваа институција, координира и согласно одредбите од споменатиот закон, тука завршува принципот на субординација.
Ниту еден од вашите претходници, со исклучок на Шврговски заради сплет на околности, не го истурка до крај мандатот. Што е она што ве става како обвинители во подредена улога виза ви политиката?
Никаде нема да најдете или документирате дека не сме самостојни во постапувањето. Зависни сме само од Уставот и од Законите, а кој како гледа на нашите одлуки е работа на перцепција на тој што гледа. Ви тврдам дека постапуваме стручно и независно. Јавното обвинителство за разлика од порано, се наоѓа во време на „револуционерни промени“. Не само во поглед на новите надлежности, туку и заради материјалните услови, сместувањето, бидејќи прв пат имаме наша сопствена зграда.
Колку тоа ве прави „политички должници“ на владејачката партија, во чие владеење сте ги решиле повеќегодишните проблеми во функционирањето?
Тоа што финансисрањето го обезбедуваме преку Владата не не’ обврзува како да постапуваме. Не се чувствувам ни приватно, ни службено должник на владејачката партија, пред се’ затоа што зад себе имам 25-годишен обвинителски стаж и да не звучи нескромно, но сметам дека сум направил многу повеќе за обвинителството од моите претходници во поглед на подобрувањето на условите. Прв пат во историјата, обвинителите имаат службен телефон, преносни компјутери и ред други погодности. За прв пат во последните 10 години имаме поголеми вработувања.
Интервјуто го водеше Гордана Дувњак – новинар во „Утрински весник“ и истото во целост е преземено од електронското издание на весникот.