Соопштенија

Поднесено обвинение за загрозување на сигурноста на новинарка

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави Обвинителен предлог против 31-годишен жител на селото Грчец за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 5 во врска со став 4, како и ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик.

Обвинетиот по пат на информатички систем сериозно и се заканувал на една оштетена дека кон неа ќе изврши кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Заканите ги упатувал поради нејзиниот општествен статус како новинарка, а во врска со вршењето на нејзините професионални задачи кои ги презела во рамките на своите овластувања.

Со намера да ја вознемири и исплаши, тој упатувал заканувачки пораки кон новинарката преку лажен профил на една социјална мрежа, барајќи од неа да избрише текст што го напишала и објавила, со што кај оштетената предизвикал чувство на загрозување, несигурност и страв.

По издадени наредби на јавен обвинител, МВР го идентификуваше сторителот на кривичното дело, за кое согласно Кривичниот законик е запретена затворска казна од една до пет години. Со ова, од вкупно пет регистрирани напади врз новинари и медиумски работници во текот на 2023 година за кои алармираше Здружението на новинари на Македонија, во три случаи сторителот е идентификуван и е поведена постапка. Од нив, во два предмети, врз основа на поднесените обвиненија, веќе е изречена и пресуда против сторителите на кривичното дело.