Соопштенија

СООПШТЕНИЕ

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со исклучителна сериозност ги зема апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата.

Од тие причини, во рамките на своите надлежности, кои се од организационен карактер и не навлегуваат во предметното постапување на јавните обвинители, републичкиот јавен обвинител презема чекори за сериозна реорганизација на силите Јавното обвинителство која овозможува поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.

Во таа насока, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Задолжително  упатство со кое заради заштита на јавниот интерес и за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес. На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување.

Основните јавни обвинители на основните јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во основните јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата по број на предмети, подносители, преземени дејствија и активни издадени наредби, ќе ги анализираат предизвиците при постапувањето во таквите предмети и ќе изнесат предлози за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.

Вишите јавни обвинители на вишите јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во вишите јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата, предизвиците при постапувањето во таквите предмети во втор степен и предлозите за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.

За сите овие активности ќе бидат доставени извештаи до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители.

Исто така, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.

Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење.

Дополнителен чекор во оваа насока е и јакнењето на транспарентноста на Јавното обвинителство особено во постапките кои се однесуваат на кривични дела против корупцијата и се од особен јавен интерес. Со таа цел Јавното обвинителство веќе закажа брифинг за новинари на 11.12.2024 година на кој ќе присуствуваат сите јавни обвинители кои имаат во работа предмети од интерес на јавноста и на кој претставниците на медиумите ќе имаат можност директно да добијат информации од надлежните јавни обвинители за нивното постапување по конкретни предмети.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија продолжува, во соработка со сите чинители и со поддршка од меѓународните партнери, да работи на зајакнување на сите капацитети на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата.