Основниот јавен обвинител Ислам Абази и Истражниот центар на ОЈО ГОКК беа домаќини на делегација на аналитичари и истражители од Одделот за организиран криминал и корупција на Обвинителството на Република Босна и Херцеговина предводена од обвинителот Ќазим Хасанспахиќ.
Двајцата обвинители на работниот состанок на кој присуствуваа и претставници од Британската амбасада, споделија искуства за справување и борба против меѓународниот организиран криминал и корупцијата и превенција и сузбивање на тероризмот. Меѓу другото, обвинителите ја истакнаа и важноста од брзо постапување во меѓународната правна соработка, како и улогата што истата ја има во сузбивањето на транснационалниот криминал.
Во фокусот на дводневните работни средби беше поставеноста и функционирањето на Истражниот центар во ОЈО ГОКК особено на Лабораторијата за дигитална форензика и аналитичкиот центар. На гостите им беше презентирано функционирањето на опремата со која непречено се отвораат и декодираат одземените електронски уреди и обезбедување на електронски докази кои како валидни, законски прибавени докази се користат во постапка и пред судот. Воедно, беа запознаени и со начинот на постапување на истражителите кои работат во лабораторија за дигитална форензика и одлуката со која се уредени чекорите во постапувањето со одземените телефонски уреди и компјутерска опрема.
Во аналитичкиот центар можеа да се запознаат со перформансите на софтверска алатка Analyst’s Notebook 10 со помош на која се овозможува бројни податоци да се претворат во визуелни дијаграми, како мрежи на односи, временски линии и шеми на настани, со што полесно се откриваат скриените врски и модели.
Ќазим Хасанспахиќ и Ислам Абази го истакнаа своето задоволство од средбата и досегашната соработка меѓу обвинителствата на Република Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија и надежите за понатамошна плодна соработка.
Посетата беше реализирана со поддршка на меѓународната организација Хемоникс и Британската амбасада во РСМ.