Соопштенија

Обвинителен акт против осум лица

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против шест полициски службеници и две други лица.

Од обезбедените докази произлезе дека првообвинетиот заедно со уште две лица, за кои истражната постапка е во прекин, сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Лицата со искористување на своето претпоставено влијание, врз двајца обвинети полициски службеници, влијаеле истите да не извршат службени дејствија што би морало да ги извршат, со цел да му овозможат на турски државјанин, кој незаконски престојувал во РСМ, да се стекне со дозвола за привремен престој. Лицата за посредувањето примиле награда во износ од 900 евра, а обвинетите полициски службеници го прифатиле влијанието и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.

Со поднесеното обвинение полициски службеник, вработен на ГП Долно Блаце, е обвинет и за „Примање поткуп”. Тој од турски државјанин кој подолго време незаконски престојувал во државата индиректно побарал и примил подарок – парични средства во износ од 3000 денари за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши. Тројца полициски службеници и НН лице посредувале во давањето на поткупот, при што двајца полициски службеници со патната исправа на турскиот државјанин оствариле фиктивен влез во РСМ, како услов за отпочнување на постапка за одобрување на привремен престој. На сличен начин му било овозможено на уште еден турски државјанин со незаконски престој да ја напушти територијата на РСМ без да биде евидентиран во системот за контрола на патници и возила и без да му биде наплатена прекршочна санкција. Имајќи предвид дека согласно одредбите од Законот за странци незаконскиот престој е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, обвинетите со своите дејствија го оштетиле и Буџетот на РСМ.

Во текот на истражната постапка се обезбедени и докази според кои обвинетиот – виш инспектор за странци и реадмисија од јули минатата година до април годинава со умисла искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и за седуммина прибавил корист – право на привремен престој во РСМ. Постапувајќи по претходно поднесени барања за одобрување на привремен престој на седумте државјани од Бангладеш и Непал, обвинетиот не ги зел предвид негативните известувања од АНБ за постоење на безбедносен ризик и постапил спротивно на одредбите од Законот за странци носејќи решенија со кои на сите им одобрил привремен престој заради работа.

Истражната постапка беше започната во мај годинава кога 11 лица беа лишени од слобода, а две лица беа недостапни на органите на прогонот (https://jorm.gov.mk/istraga-protiv-11-licza-od-koi-sedum-policziski-sluzhbeniczi/​). Во меѓувреме против едно лице е донесена Наредба за запирање на истражната постапка, а за две лица е донесено Решение за отфрлање на кривичната пријава. Едно од лицата недостапни на органите на прогонот е обезбедено и се наоѓа во екстрадиционен притвор во Р.Србија, а по другиот е активна меѓународна потерница.