Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против тринаесет лица во предметот Јустиција

Денеска надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје по завршување на истражната постапка во предметот Јустиција, поднесе обвинителен предлог против тринаесет обвинети лица, од кои четири обвинети лица –  судии и девет лица – судски службеници, за кривично дело Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 в.в. член 45 од Кривичниот законик.

Обвинетите се товарат за дела кои ги сториле во текот на 2010 година, па се до 2013 година како службени лица – судии и како службени лица – судски службеници, сите вработени во Основен суд Скопје 1 Скопје во Одделот за прекршоци. Имено, со умисла извршиле повеќе временски поврзани кривични дела што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со очигледно несовесно постапување во вршењето на своите овластувања и должности, прибавиле корист за странките – пријавени во прекршочните постапки при тоа дозволувајќи да застари нивното гонење за сторен прекршок.

Обвинетите како судии одлучувале по предмети формирани по поднесени Барања за прекршочна постапка, па по одржан претрес носеле осудителни пресуди во кои се изречени глоби и судски трошоци, при тоа не почитувајќи го законскиот рок за изготвување на пресудите. По изминат подолг период ги верифицирале пресудите и ги предавале во судската писарница, непосредно пред или по настапениот рок за застареност на гонење, со што дозволиле повеќе да не може да се поведе прекршочна постапка. При тоа не изготвувaле формално решение со кое би го известиле подносителот за застареноста и предметите не биле архивирани  како застарени. Воедно, во месечните извештаи доставувани до Судскиот совет предметите ги евидентирале како пресудени и со казниви пресуди.

Обвинетите судски службеници со знаење на судијата пресудените предмети ги застарувале при експедиција или при чекање достава, така што биле изготвувани фиктивни покани за закажани рочишта, кои не ги доставувале до странките во предметот. Имено, во ниедна книга за евиденција нема пронајдено прием за фиктивната достава во доставната служба, а по вратена неуредна достава на пресудата, без писмена наредба на судијата, одлучувале за нејзина повторна достава.

Во предметот Јустиција беа опфатени вкупно 25 обвинети лица, од кои 14 судии и 11 судски службеници. За 5 лица е донесена наредба за запирање на истражната постапка, бидејќи утврдено е дека во нивните дејствија нема елементи на кривично дело, со 7 осомничени лица се склучени спогодби за кривична санкција, кои се верификувани од судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје.