Соопштенија

Државјанин на Република Србија под истрага за криумчарење на мигранти

Постапувајќи по Кривична пријава на Министерството за внатрешни работи – Регионален центар за гранични работи ЈУГ, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице – државјанин на Република Србија. Осомничениот се товари дека сторил кривично дело – Криумчарење мигранти од чл.418-б ст.4 в.в. со ст.2  в.в. чл.22 од Кривичниот законик.

Во текот на вчерашниот ден, осомничениот, по претходен меѓусебен договор за паричен надомест, со уште едно НН лице од подрачјето на Гевгелија прифатиле и кон Куманово превезувале неутврден број на мигранти. Осомничениот со своето патничко моторно возило превезувал вкупно 11 мигранти, од кои седум биле малолетни лица.

Новина во кривично правните настани на криумчарење на мигранти е појавата на  државјани на Република Србија како извршители на ова кривично дело. Сторителите, користејќи  го екот на туристичката сезона и транзитот на голем број на туристи од Србија кон Грција по коридорот Куманово-Гевгелија по Вардарската долина, ги прикриваат своите криминални активности на сметка на зголемената фреквенција на сообраќајот. Тие како туристи легално влегуваат во Република Македонија и се движат со возила со странски регистарски ознаки по овој коридор, што во обратна насока е позната рута по која се движат мигрантите.

Кај досегашните криминални групи што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи во голема мера ги десеткуваа, како што е предметот „Којот“, кај непосредните извршители подолг период наназад не се пронаоѓаа и запленуваа парични средства, бидејќи плаќањето се извршуваше преку организатори и посредници. Дека станува збор за нова појава говори фактот што во новиот облик кај извршителите од Србија наплатата на криминалниот приход  е непосредно од мигрантите. Во вчерашниот случај кај сторителот се пронајдени и одземени 1.700 евра за кои основано се сомнева дека потекнуваат од предметното и претходно извршени кривични дела на криумчарење мигранти.

Истрагата треба да утврди дали паричните средства се криминален приход или се од легално потекло. Министерството за внатрешни работи  презема мерки за откривање и на вториот извршител.

На предлог на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.