Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Гостивар нареди подигнување на коските од пештерата „Череп“ (кичевско)

По анонимна дојава дека во пештера помеѓу селата Тајмиште и Бачишта (кичевско), над Бачишка река има човечки черепи, основниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде насоки за обезбедување на оперативна проверка за место положбата на пештерата позната под име „Череп“.

По добивање на оперативните сознанија од страна на Министерството за внатрешни работи – ПС Кичево, во текот на вчерашниот ден основниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар во придружба на началниците на Одделенијата за крим техника од Скопје, Охрид и Кичево, како и на полициски службеници од ПС – Кичево излезе на увид.

Увидот траеше до вечерните часови и поради стемнувањето истиот продолжи денеска. По Наредба на јавен обвинител за потребите на истрагата на увидот беа присутни и претставници од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Крим техника од Охрид и Кичево, експерти од крим техника – Скопје и претставници од специјалната единица за потраги при Министерството за внатрешни работи.

Во пештерата која има неколку краци пронајдени и подигнати се неутврден број на човечки черепи и коски. Истрагата продолжува во наредните денови, пештерата по наредба на јавен обвинител ќе биде непрекинато обезбедена се до отповикување на наредбата. За секое ново сознание што нема да ја попречи истрагата, Основното јавно обвинителство – Гостивар ќе ја информира јавноста.