Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица, по добиено известување дека од овластени службени лица од СВР – Струмица при преземање на службени дејствија е употребено службено оружје на улица „Бетовенова“, изврши увид на лице место.
Притоа на местото беа пронајдени три чаури кои потекнуваат од огнено оружје со кое бил задолжен инспектор од Одделот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Струмица. Според првичните сознанија, службеното оружје било употребено во моментот кога толпа народ нападнала двајца инспектори, не дозволувајќи да извршат преглед и да утврдат идентитет на лице за кое се сомневале дека поседува опојна дрога. При нападот од толпата инспекторите се здобиле и со телесни повреди.
Дежурниот јавен обвинител веднаш издаде наредба за фотографирање и скицирање на местото на настанато, наредба за подигање и вештачење на пронајдените чаури, наредба да им бидат земени парафински ракавици на двајцата полициски службеници заради утврдување на присуство на барутни честички, наредба за земање на примероци од крв и урина од сите инволвирани за анализа на евентуално присуство на алкохол или други опојни средства, како и наредба за фотографирање на едно лице заради докажување на постоење на телесни повреди.
Јавниот обвинител продолжува да презема дејствија заради целосно расветлување на настанот.