По повод објавените натписи, како и заради потреба од објективно информирање и избегнување на шпекулации, Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека во врска со изборни нерегуларности има отворено постапка уште во 2016 година. Основното јавно обвинителство – Скопје во работењето постапува неселективно и неповрзано со преземени дејствија на други органи, ја води постапката без да објави податоци за нејзиниот тек за да не ја повреди тајноста што е обезбедена со закон.
Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи.
Во рамките на постапката досега се преземени претходни дејствија, побарана и прибрана е материјална документација, релевантни писмени докази, а во просториите на Основното јавно обвинителство – Скопје се сослушани повеќе од 70 лица сведоци.
Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека во моментот кога ќе се стекнат законски услови, јавното обвинителство ќе излезе со поконкретни податоци.