Во координирана соработка со Секторот за криминалистички истраги – единица за недозволена трговија со дрога при Министерството за внатрешни работи, јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција разби уште една група што во изминатиот период се занимавала со препродажба на наркотици.
Постапувајќи по поднесената кривична пријава против две лица, надлежниот јавен обвинител денеска до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе предлог за определување на мерка притвор за осомничените. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги , психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 од Кривичниот законик.
Основите на сомнение произлегуваат од претходно прибавени докази дека осомничените во месец септември 2016 година неовластено, а заради продажба купиле и продале наркотична дрога – марихуана со тежина од 805 грама во близина на средното училиште ,,Никола Карев“ во населбата Карпош во Скопје. Едното од лицата, денеска во раните утрински часови е запрено на граничниот премин Деве Баир при обид за излез од Република Македонија и истото е задржано и лишено од слобода.