Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против полицискиот службеник кој повреди двајца малолетници со истрел од службен пиштол. Полицаецот е осомничен дека сторил кривично дело – Убиство од член 123, а во врска со член 19 од Кривичниот законик.
За целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на лице место, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички. Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици.
Со оглед на тоа што веќе се сослушани сведоците и се прибрани материјалните докази во постапката, за осомничениот се предложени серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности.
Во меѓувреме, состојбата на потешко повреденото момче се подобрува. Тој и натаму се наоѓа на скопските клиники, но е стабилен и свесен и во моментов не се наоѓа во животозагрозувачка состојба.