Актуелната состојба во обвинителствата, идната редовна комуникација, потребата од размена на искуства, заедничката определба и подготвеност за соработка со цел поефикасно гонење на сторителите на кривичните дела, беа теми на кои се говореше на првата средба помеѓу Јавниот обвинител на Република Македонија и Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите.
На работниот состанок одржан вчера во просториите на Јавното обвинителство на Република Македонија, стана збор и за актуелните реформи во правосудниот систем и неопходната активна вклученост на јавните обвинителства.
Јовески и Јанева ги разгледаа прашањата опфатени со претстојните измени во законите со кои се регулира кривичната материја, особено во однос на поставеноста и организацијата на обвинителствата. При тоа беше потенцирано значењето на меѓусебната поддршка и почит со цел успешна реализација на суштинските реформи кои ќе придонесат за подобрување на улогата на јавниот обвинител во целокупниот правосуден систем во државата.