Соопштенија

Изјава за медиумите во 20.00 часот од јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот

Во Комисијата за следење на противправностите поврзани со остварување на правото на глас, во периодот од 14.00  до 19.00 часот денеска пристигнати се неколку пријави и информации за евентуални незаконитости.

Во Вишото јавно обвинителство Гостивар пријавени се два настани по кои постапуваше Основното јавно обвинителство Гостивар. Пријавено е фотографирање на гласачи од возило во кое биле неколку лица. Возилото е идентификувано и две лица се приведени. Во вториот случај пријавено е дека гласач го искинал и изгужвал своето гласачко ливче, а потоа вознемирен барал да му биде дадено ново гласачко ливче, кое не било дозволено од страна на избирачкиот одбор.  Гласањето продолжило на тоа избирачко место. Во двата настани дежурниот јавен обвинител издаде насоки за натамошно постапување во насока на утврдување на фактите.

На подрачје на Вишото јавно обвинителство Скопје има две пријави за сторени противправности. Во ОУ “Кочо Рацин” имало обид за фотографирање од страна на едно лице кое за таа цел употребило електронски уред – пенкало со камера.  Во Средното угостителско училиште ” Лазар Таневски ” набљудувач фотографирал лице кое стоело во редот за гласање. Наводите во известувањата ќе бидат проверени од Основното јавно обвинителство Скопје, ќе се обезбедат докази и ќе се одлучи дали во пријавените настани има елементи на кривични дела кои се гонат по службена должност.

Основното јавно обвинителство Скопје постапува и по поднесени кривични пријави од страна на политичка партија кои се однесуваат на евентуални противправности при гласање во општина Шуто Оризари. Втората кривична пријава од политичка партија се однесува на испратени СМС пораки  преку повеќе телефонски броеви поврзани со остварување на правото на гласање. Обвинителството веднаш издаде наредби за прибирање на потребните податоци и за расчистување на настаните.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип пријавено е дека околу 15.00 часот во ОУ “Димитар Влахов“ имало обид за гласање на маж во име на неговата сопруга. По интервенција на еден од акредитираните набљудувачи, лицето го искинало гласачкото ливче. По настанот лицето е приведено од страна СВР Штип. Дежурен јавен обвинител даде насоки за постапување.

Пријавен е и настан во с. Мислешево, струшко каде во гласачко место е забележано едно лице како при гласање имало уште две ливчиња кај себе. По реагирање на членовите на избирачкиот одбор, лицето се дало во бегство. При тоа му паднале дополнителните ливчиња за кои е утврдено дека се празни. Гласачкото ливче останало кај лицето кое до овој момент е недостапен на органите на прогонот.

На електронската адреса која ја отворивме има неколку пријави за сторени незаконитости поврзани со правото на гласање. Истите се веднаш доставени до надлежните основни јавни обвинителства и се предмет на натамошно постапување.

Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со референдумот ќе продолжи да ја координира работата на јавните обвинителства и во следниот период. Очекуваме наскоро да пристигнат повеќе поднесоци и кривични пријави по кои итно ќе постапуваме.