Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица – татко и син. За таткото постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, како и кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Неговиот син, пак, е осомничен дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
Имено, на 22.11.2018 година, при претрес на домот на осомничениот татко во селото Кучково, било утврдено дека тој кај себе неовластено држел огнено оружје – пиштол „Црвена застава” со калибар од 7.65мм и сигнален пиштол М50, поголемо количество муниција – куршуми од различен калибар, како и експлозивни материи чија употреба е забранета – рачна бомба модел Н38, едно погонско полнење на ракети модел ПГ 7, како и еден котур со детонаторски фитил.
При претресот кај осомничениот била пронајдена и наркотична дрога марихуана со нето маса од 0.80 грама и вага со траги од наркотична дрога.
На истиот ден бил извршен претрес и во домот на неговиот син во Скопје, кај кого била пронајдена наркотична дрога марихуана со нето маса од 60.8 грама.
Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на постоење опасност од бегство, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор на осомничените.