Утринава во дуќан – златара во старата чаршија во Прилеп извршено е разбојништво од три засега непознати лица. Во 8.40 часот сопственичката влегла во дуќанот и зад себе ја заклучила влезната врата по што започнала да го вади накитот од сефот. Во тој момент, две лица го скршиле стаклото од излогот и вооружени со пиштоли влегле внатре, барајќи од сопственичката да им го даде накитот и парите. За тоа време трето лице било надвор пред дуќанот и вооружен ги бркал случајните минувачи. Откако ги зеле паричните средства и накитот, трите лица со бегање се упатиле кон патничко моторно возило со гостиварски регистарски ознаки и побегнале од местото на настанот.
Надлежен јавен обвинител заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи изврши увид на лице место. Издадени се наредби за прибирање траги и докази од лице место, за обезбедување на видео запис од видео надзорот. Дејствијата на Основното јавно обвинителство Прилеп се одвиваат во континуитет за расчистување на кривично правниот настан.