Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка заради основано сомнение дека е сторено кривично дело – Трговија со дете предвидено и казниво по член 418 – г став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените во поединечни случаи, најпрвин го прифаќале и засолнувале 16-годишното девојче, а потоа го подведувале на вршење полови дејствија со други лица за одреден паричен надоместок. Исплатените пари за услугите што ги пружала оштетената ги земале осомничените, а за возврат и обезбедувале престојувалиште и ѝ набавувале опојни дроги.
Постапувајќи по кривичните пријави поднесени од страна на Министерството за внатрешни работи, јавниот обвинител издаде наредби за судско-медицинско и невропсихијатриско вештачење на оштетената малолетничка.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, обвинителот до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Ваквиот предлог Судот го прифати, па со решение на двајца осомничени им определи притвор во траење од 30 дена.