Соопштенија

Постапка против осомничени кои изработувале и продавале огнено оружје

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе постапка против вкупно девет лица од организирана криминална група за изработка и продавање на огнено оружје. Надлежен јавен обвинител поради постоење на основано сомнение донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против девет лица за сторено кривично дело –  Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.

Осомничените во текот на октомври 2018 година ја создале криминалната група, која на територијата на државата неовластено изработувала, држела, продавала и посредувала во трговија со огнено оружје  и  муниција во поголемо количество. Дел од осомничените  од засега непознато место набавувале потребна количина на пиштоли за светлосна и звучна сигнализација. Набавеното оружје во  работилница во сопственост на еден од осомничените со употреба на пригоден алат  била неовластено изработувана во огнено оружје – пиштоли. Имено, биле вадени цевките кои што служат за испукување на гасен куршум и на нивно место вметнувана метална цевка, со што осомничените вршеле  пренамена во огнено оружје претежно од калибарот 7,65 мм. Ова  оружје може да се употребува за нанесување на тешки повреди со смртни последици. По изработката на пиштолите, дел од осомничените  пронаоѓале заинтересирани лица во земјата и го продавале огненото оружје за цена од 150 до 400 евра.

Надлежниот јавен обвинител до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до надлежниот суд ќе достави и предлог за определување на мерка притвор.