Соопштенија

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против три лица кај кои е најдена дрога

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредби за спроведување на истражна постапка во три одделни предмети оформени против лица кој кои при извршен претрес е најдена дрога – марихуана. Лицата се осомничени дека сториле кривични дела- Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, псхотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Кај еден од осомничените е пронајдена марихуана со тежина од 400 грама која ја криел во куќа на негов роднина. Осомничениот е државјанин на Република Србија, од каде преминал во нашата држава и од 2013 година тука илегално престојува. За осомничениот српските органи имаат распишано меѓународна потерница за сторени други кривични дела.

На второто лице, жител на Гостивар, му се пронајдени 10 грама дрога – марихуана.

Во третиот предмет, осомничениот кој е жител на кичевско село, во својот дом криел 29 грама марихуана и 39 семки растителна материја од непознато потекло. Јавниот обвинител донесе Наредба за вештачење на пронајдениот материјал.

Основното јавно обвинителство Гостивар до судија на претходна постапка за сите тројца осомничени побара изрекување на мерка притвор, ценејќи дека се исполнети основите. Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар ги прифати предлозите и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена.