Соопштенија

Поведена истрага за неовластено пуштање во промет на хероин

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 20.03.2019 година, при извршено легитимирање и преглед на осомничениот, кај него биле пронајдени 10 помали полиетиленски пакувања, а при претрес во неговиот дом подоцна уште 19 пакувања наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 2,35 грама. Освен ова, при претресот во домот на лицето биле пронајдени и две полиетиленски пакувања мешавина од кофеин и парацетамол со вкупна нето маса од 5,9 грама, како и дигитална вага со остатоци од хероин.

Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот би можел да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување притвор на осомниченото лице.