Oбвинителен предлог против две лица кои како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од чл. 236 ст.1 т.1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик поднесе Основното јавно обвинителство Скопје.
Обвинетите, на 18 ноември, на ул. „Њуделхиска“ во Скопје, на паркинг простор пред еден супермаркет, се приближиле кон паркиран автомобил „Форд фокус“ со тетовски регистарски ознаки, со употреба на сила дејствувале на стаклото од совозачката страна и го скршиле. Тие од совозачкото седиште одзеле женска чанта во која имало пари и други предмети во вкупна вредност од 15.000 денари.
За еден од обвинетите на сила се определените мерки на претпазливост, додека за другиот, надлежниот јавен обвинител процени дека и натаму постои опасност тој да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, особено затоа што тој и претходно бил сторител на ваков вид кривични дела. Од тие причини јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за ова лице.