Соопштенија

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен предлог против две лица вработени во МВР, бидејќи не му го одзеле пиштолот на трикратниот убиец од Кавадарци

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од  Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка и  поднесе Обвинителен предлог  против две лица за сторени  кривични  дела – Несовесно работење во службата и непостапување по Законот за оружје.

Имено обвинетите , како службени лица вработени во МВР НК КР Кавадарци изготвувајќи кривични пријави против лицето Т.С од Кавадарци во одделни предмети,  не постапиле по Законот за оружје и не извршиле проверка дали осомниченото лице поседува дозвола за носење на огнено поружје и дозвола за поседување на огнено оружје.

 Иако кривичните дела кои му се ставале на товар на тогаш осомниченото лице укажувале на потешко нарушување на семејните односи, за кои дела имал и правосилна судска пресуда, сега обвинетите  службени лица  не презеле  мерки за одземање на оружјето и не поднеле предлог за одземање на оружјето на осомничениот.

 Со оружјето кое не му било одземено на тогаш осомниченото лице, истиот во ноември годинава изврши тројно убиство во Кавадарци и ги лиши од живот родителите и сестрата на поранешната сопруга.