Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески е роден на 03.01.1954 година во с. Долгаец, прилепско. Средно образование завршил во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје, а на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје дипломира во 1978 година. Правосудниот испит го положил во 1983 година.
Во својата професионална биографија Јовески има повеќе од 15 години работно искуство како судија на предмети од кривична материја, повеќе од 12 години работно искуство како јавен обвинител и 7 години работно искуство во областа на извршување на кривичните санкции.
По дипломирањето, во 1979 година се вработува во Републичкиот секретаријат за правосудство, каде што по приправничкиот стаж, извршувал работни задачи како референт, виш референт и подоцна советник – инспектор во Секторот за извршување на кривични санкции. Во истиот период извршувал и работи на Секретар на Советот за извршување на кривичните санкции, Секретар на Комисијата за условен отпуст на осудени лица, Претседател на Комисијата за полагање стручен испит за звањата во службата за обезбедување во казнено-поправните и воспитно-поправните установи и Секретар на Комисијата за полагање на правосуден испит.
На 09.11.1987 година Јовески е избран за судија во Општинскиот суд Скопје 2, а во 1995 и 1996 година ја извршува функцијата заменик-претседател на Судот. Од 02.07.1996 година е вршител на должноста претседател, по што е избран и за претседател на Основниот суд Скопје 2 Скопје за мандат од четири години. Како судија постапувал по предмети од кривичната област.
За заменик јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е избран на 10.04.2003 година, додека од 15.04.2009 година е избран за јавен обвинител во тоа Обвинителство. Оваа функција Јовески ја извршуваше до изборот за член на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија на 23.12.2015 година, каде беше избран од редот на јавните обвинители.
Од другите активности, Јовески извесен период бил претседател на Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители, во два мандати бил член на Претседателството на Сојузот на здруженијата за пенологија во Република Северна Македонија, а во еден мандат и претседател на овој Сојуз. Извесен период бил претседател и на Собранието на Здружението за кривично право и криминологија на Република Северна Македонија.
Учествувал во повеќе работни групи за изработување нацрт-закони од областа на правосудството – Кривичниот законик, законите за кривична постапка, за обвинителството, за судовите, за Академијата за судии и јавни обвинители, за прекршоците, за извршување на санкциите, за Советот на јавните обвинители и други.
Освен ова, Јовески учествувал на работилници и советувања во земјава и странство, каде што имал и свои излагања од областа на малолетничките престапи во Република Северна Македонија, основите за определување на притвор, образование на осудените лица за време на издржувањето на казната и судски надзор во извршувањето на казната затвор.
Љубомир Јовески е избран за Јавен обвинител на Република Северна Македонија на 25.12.2017 година.