Соопштенија

Двајца прилепчани осомничени за тешка кражба во стан во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените жители на Прилеп, на возраст од 30 и 29 години, на 1 февруари заедно провалиле во стан на улицата „Никола Парапунов“ во Скопје. Едниот осомничен внимавал некој да не наиде, додека другиот го скршил цилиндерот на надворешната врата и од станот одзел накит во вредност од 65.000 денари.

Јавниот обвинител му предложи на судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје да определи мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека тие би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото.