Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 50-годишник за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. А за него е доставен и предлог за определување мерка притвор до надлежниот суд.
Осомничениот ја загрозил сигурноста на сопствената сопруга на која на 20 јули, при вршење семејно насилство, сериозно и се заканил пред да даде исказ во обвинителството во врска со претходна пријава за семејно насилство. Тој од жената барал да каже дека ништо во врска со претходниот настан не се случило, дека се смирени и живеат заедно без никакви проблеми. Откако разбрал дека и покрај ваквите сугестии жената останала на претходната изјава, тој и се јавил телефонски и и се заканил дека ќе ја убие, поради што таа не се вратила дома. Потоа осомничениот отишол на нејзиното работно место и пред нејзиниот претпоставен започнал да вика дека жената не смее да работи таму и дека ако ја најде ќе ја убие. Конечно, отишол и кај родителите на оштетената пред кои ги повторил заканите, со што предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Во одвоен настан, Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка и против 32-годишник осомничен дека при вршење семејно насилство сторил кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 19 јули, во семејниот дом во Тетово, осомничениот телесно го повредил неговиот татко, удирајќи го со тупаници по главата и телото. Кога оштетениот успеал да избега и да се засолни во другата соба, осомничениот продолжил да му се заканува дека ќе го убие. Во однос на овој осомничен, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот.