Соопштенија

Двајца државјани на Албанија осомничени за трговија со марихуана и за напад на полицаец во Гостивар

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца албански државјани за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, како и кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службени дејствија од член 382 став 1 од Кривичниот законик.

Лицата на возраст од 21 и 19 години набавиле наркотична дрога – марихуана од Република Албанија и преку нелегален премин ја внеле во земјава со намера да ја продадат. На 6 ноември, при обид да им биде извршен личен преглед, осомничените дале отпор и ги нападнале полициските службеници, удирајќи ги со тупаници. Првиот осомничен бил совладан и лишен од слобода, а во неговата чанта биле пронајдени околу 890 грама марихуана. Вториот осомничен се дал во бегство, но во утринските часови следниот ден сам се предал во полициска станица.

Јавниот обвиител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да го повторат делото и да влијаат врз сведоците.​