Соопштенија

Двајца романски државјани осомничени за неовластено пренесување дрога на ГП „Деве Баир“

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 43-годишна жена и 35-годишен маж, државјани на Романија, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело –  Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Двајцата осомничени, на 14 јануари, на граничниот премин „Деве Баир“ на излез од земјава, неовластено заради продажба пpенесувале 43,5 килограми наркотична дрога – марихуана. Дрогата ја набавиле претходно од непознато лице од Албанија, ја препакувале во 64 полиетиленски опаковки и ја сокриле во специјално изработени бункери, кои се наоѓале под возачкото и под совозачкото седиште, во просторот над ауспухот и под задното седиште на автомобилот „Фолксваген голф“ со романски регистарски таблички. Кога со возилото, управувано од првообвинетата, пристигнале на граничниот премин, при извршена царинска контрола на возилото, марихуаната била пронајдена.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Куманово донесе решение со кое на двајцата осомничени им определи мерка притвор во траење од по 30 дена.