Соопштенија

Дванаесет лица во Скопје обвинети за непостапување според здравствените прописи

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Предлог за издавање казнен налог против шест лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите го сториле делото на 13 јануари, кога наспроти донесените мерки и прописи за спречување на ширењето на коронавирусот, се собрале во стан на улица „Иван Козаров“ за да прослават Стара Нова година – Василица. Иако со мерките и прописите во периодот од 18.12.2020 до 21.01.2021 година беа забранети секој вид масовни прослави на отворен и затворен простор, како и семејни собири со повеќе од 4 лица, обвинетите биле затекнати од полициски службеници при извршена проверка и контрола.

За нив јавниот обвинител му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра.

За истото кривично дело, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за издавање казнен налог и против шест други лица кои не го почитувале полицискиот час.

Тие на 6 април, наспроти важечките прописи кои определуваат забрана за движење во временскиот период од 20 до 05 часот следниот ден, биле затекнати во група како се движат на улицата „Максут Садик“ во Скопје без да поседуваат дозвола за тоа.

И за овие обвинети јавниот обвинител му предложи на Судот да определи парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да ја одреди на 20 евра во денарска противвредност.​