Соопштенија

Две лица под истрага за „Примање награда за противзаконито влијание“

Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредби за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание.

Осомничените – судски полицаец и доставувач од Основниот кривичен суд Скопје, во периодот од август 2025 година до 07.04.2026 година директно примиле награда во паричен износ од 500 евра и 60 000 денари од сведок, за посредување на судскиот полицаец во повисоките судови со цел да издејствува ослободителна пресуда.

Сведокот, кој поднел жалба против првостепена пресуда со која бил огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од една година, преку сосед стапил во контакт со осомничениот доставувач, кој го упатил кај судскиот полицаец како лице што може да посредува.

Судскиот полицаец кој бил претставен како лице кое долги години работи во судот и има контакти со судиите во сите степени, при што може да ургира пресудата да биде заменета со ослободителна. Убеден во неговото влијание, сведокот во текот на 2025 година на доставувачот му предал 500 евра со цел истите преку судскиот полицаец да бидат предадени на судија од Апелациониот суд Скопје кој би донел ослободителна пресуда.

Во текот на 2026 година, сведокот на осомничениот судски полицаец му исплатил 30 000 денари како награда за посредувањето. Откако Апелациониот суд Скопје ја потврдил првостепената пресуда, сведокот преку својот бранител поднел вонреден правен лек пред Врховниот суд на РСМ. На 07.04.2026 година сведокот на осомничениот полицаец му исплатил уште 30.000 денари како награда за наводно посредување пред судиите на Врховниот суд кои треба да одлучуваат во постапката.

Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување на мерка притвор, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог што беше делумно прифатен. Со решение на судот на осомничениот судски полицаец му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на доставувачот му е определен куќен притвор, за што предметниот обвинител незадоволен од одлуката на судијата достави жалба.