Соопштенија

Еден обвинет за убиство и за обид за убиство

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 како и за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 02.03.2019 година, на локалниот пат меѓу селата Шишево и Глумово, со употреба на огнено оружје – полуавтоматски пиштол, со умисла лишил од живот едно лице, а уште едно се обидел да го лиши од живот.

На критичниот ден, тој со својот автомобил го пресретнал автомобилот во кој се наоѓале двајцата оштетени заедно со уште едно лице – сведок на настанот и започнал вербална расправија. Во момент кога еден од оштетените започнал да се враќа кон своето возило за да влезе, обвинетиот му се приближил на кратко растојание и испукал кон него еден проектил од пиштолот, нанесувајќи му тешка телесна повреда во вид на огнострелна рана во пределот на главата. Потоа тргнал да се пресмета и со вториот оштетен. Сведокот се попречил меѓу нив, но обвинетиот му наредил да се тргне. За тоа време, оштетениот започнал да бега, па обвинетиот се стрчал и испукал повеќе проектили кон него, нанесувајќи му две огнострелни повреди. Како последица на овие повреди, оштетениот починал непосредно по приемот во болница.

По настанот, обвинетиот се дал во бегство и една година беше недостапен на органите на прогонот.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештите лица, како и да го повтори делото.