Против две лица на возраст од 27 и 21 година Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка бидејќи постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво предвидено во член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 29 ноември, двајцата осомничени со електрични тротинети дошле до продавницата за бела техника “Нептун” кај Градскиот стадион. Биле маскирани со пластични маски, шалови и качулки на главите и вооружени со пиштоли, додека едниот осомничен на себе носел и импровизирана рачно изработена експлозивна направа во форма на динамит.
Двајцата соизвршители влегле во продавницата, во која во тој момент биле присутни повеќе вработени, возрасни купувачи, но и три деца. На сите им се заканиле со оружјето и експлозивот, а еден од осомничените застанал пред вратата за да ги спречи да излезат.
Другиот осомничен влегол позади пултот од каде ги одзел парите од касите, па заканувајќи се со оружјето побарал од вработените да му го отворат сефот од каде одзел црвена метална каса со пари и вредносни ваучери. Вкупно со разбојништво и закана по животите на присутните осомничените одзеле пари во вкупна вредност од 556.146 денари, ги предупредиле присутните да не повикуваат полиција и излегле од продавницата.
Во непосредна близина пред продавницата ги затекнале полициски службеници кои веднаш на лице место ги лишиле од слобода.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постои опасност да побегнат, да се обидат да влијаат врз сведоците или да го повторат делото.