Соопштенија

Истрага против пет лица за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истрага против пет лица – двајца македонски и тројца албански државјани. Постои основано сомневање дека лицата сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, неовластено заради продажба купувале и пренесувале наркотична дрога – марихуана. По претходен договор, македонските државјани изнајмиле возило со кое требало да се подигне дрогата. Откако била извршена исплата за пратката, еден од осомничените со изнајменото возило се упатил кон договореното место во близина на граничниот премин Блато. Според насоките, тој ги подигнал двете торби што биле оставени од други лица, а во кои била спакувана дрогата и се упатил кон Дебар каде требало повторно да се сретне со двајца од осомничените албански државјани. Движејќи се низ улиците на Дебар, осомничениот видел полициски пункт, го оставил изнајменото возило и влегол во такси возило со цел да продолжи кон договореното место за средба, но такси возилото било запрено од полициските службеници. Во присуство на осомничениот е извршен претрес на оставеното возило и е пронајдена дрогата со вкупна нето маса од 20,2 килограми.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, обвинителот до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени. Ваквиот предлог судот го прифати, па со Решение на петтемина осомничени им определи притвор во траење од 30 дена.