Соопштенија

Истрага против прилепчанец за неовластено пуштање во промет наркотични дроги

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице на возраст од 39 години, за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 30 август, од лице од Тетово купил наркотична дрога – 20, 4 грама хероин и 1,23 грама кокаин. Количината, цената и местото на предавање на дрогата ги договориле телефонски. Кога тетовецот со автомобил Пежо 207 тргнал од Тетово за Прилеп, каде на договореното место требало да му ја предаде наркотичната дрога на осомничениот, на влезот од селото Дебреште возилото било сопрено од овластени службени лица на МВР-ПС Прилеп. При извршениот преглед кај него била пронајдена наркотичната дрога во долната облека. Основното јавно обвинителство Прилеп веќе има отворено истражна постапка против лицето од Тетово кај кое била пронајдена дрогата и тој се наоѓа во куќен притвор.

На 10 септември во вечерните часови, откако претходно телефонски се договорил со лице од Скопје, осомничениот на неутврдена локација неовластено му продал 95 шишенца од по 10 милиграми психотропна супстанца – метадон за сума од 400 денари за шишенце.

Против осомничениот прилепчанец надлежниот јавен обвинител поднесе Предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп, ценејќи дека се исполнети сите законски основи. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на осомничениот му определи мерка притвор во траење до 30 дена.