Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за сторено кривично дело разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Двајца од осомничените се македонски државјани, додека еден е државјанин на Република Италија.
Трите лица се осомничени дека на 18.09.2018 година, по претходен договор, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот на еден вработен, извршиле разбојништво во менувачница во Тетово. Додека двајца од осомничените чувале стража, првоосомничениот, италијански државјанин, влегол во објектот носејќи огнено оружје – пиштол што го вперил кон вработениот, му дал знак да се тргне од касата и одзел пари во износ од 20 000 евра во денарска противвредност. Потоа со туркање го однел вработениот во помошна просторија од дуќанот, по што сите тројца го напуштиле местото, а парите меѓусебно ги поделиле.
Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до судија на претходна постапка при Основниот суд – Тетово поднесе предлог за определување на мерка – Притвор за тројцата осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените со решение им изрече мерка притвор во траење од 30 дена.