Соопштенија

Истрага за дилери на дрога и амфетамин

Постапувајќи по поднесена пријава од МВР – СВР Скопје Единица за недозволена трговија со дрога и оружје, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе четири одвоени наредби за спроведување истражна постапка против лица осомничени за кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Двајца од осомничените се товарат за продолжено извршување на наведеното кривично дело, еден за соизвршителство и еден за помагање при извршувањето на делото.

Во периодот од средината на ноември до средината на овој месец, двајцата осомничени со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. На различни локации во Скопје, на повеќе различни лица тие им продавале наркотична дрога – марихуана, кокаин, хашиш и психотропна супстанција – амфетамин.

За првиот осомничен постои основано сомнение дека во девет потврдени наврати неовластено продал 48,59 грама марихуана и 845,1 грам амфетамин, додека за вториот осомничен обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека во три наврати продал вкупно – 16,86 грама марихуана, 0,65 грама кокаин, 0,23 грама хашиш и 5,14 грама амфетамин. Притоа, во една од продажбите им помогнал четвртиот осомничен.

На 25 декември, во атарот на селото Катланово, двајцата првоосомничени, заедно со третиот осомничен организирале меѓусебна продажба на над 7 килограми амфетамин за сума од 15.000 евра. При полициска акција, координирана од надлежниот јавен обвинител, осомничените биле затекнати и се обиделе да избегаат. Сепак, полициските службеници ги лишија од слобода тројцата осомничени, а психотропната супстанција ја запленија.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.​